69

режија ВЕСЕЛИН ДИМОВ (Бугарија)
играат МАКЕДОНКА ИЛИЕВСКА, ЗЛАТКО МИТРЕСКИ
продукција ТЕАТАР „ПИ“  
ПРЕМИЕРА 20.12.2013

работена според едночинките „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“ 
од АЛЕН БОЛ


Премиерата на „69“ работена според четири едночинки на Оскаровецот Алан Бол, ќе се случи на 20 декември (петок) во 20 часот во џебното кино во Младинскиот културен центар во Скопје

Ова е прв пат во Македонија да се прави претстава според текстови на овој модерен американски автор кој воедно е и сценарист на филмскиот хит „Американска убавина“ за кој доби „Оскар“ и „Златен глобус“, а работеше и на хит-сериите „Два метри под земја“ и „Вистинска крв“. 

Режисер на „69“ е нашиот гостин од Бугарија и основач на алтернативниот театар МОМО, Веселин Димов. 

Главните улоги ги толкуваат професионалните актери Златко Митрески и Македонка Илиевска.


Претставата е работена според четирите едночинки „Важен ручек“, „Газот на мајка ти“, „Зборот на Б“ и „Направено за жена“ на Алан Бол. 

Режисерот Веселин Димов за „69“ вели:
„Во светот на индивидуализам и потрошувачка, како се сака? Како се заборава сопственото „јас”, кога тоа е сè што си научил? Како се излегува од зоната на удобност, осаменост и анонимност? Како да се опуштам, кога може да ме стегнеш ? Не почнаа ли да ни горчат љубовните сокови?
И има ли воопшто се уште природни сокови?“



Режисерот Веселин Димов е основач е на алтернативниот театар „МОМО“ во Софија. Има работено во Франција и во Англија и во тек на кариерата ги има поставувано Чехов, но и модерните автори како Елфриде Јелинек, Питер Хандке, Даниел Хармс итн . Живее во Софија каде што дипломирал театарска режија на НАТФИЗ. Режирал во голем број на државни театри во Бугарија, а негов интерес, пред сѐ, се современите форми на изразување. Изминатиов период престојува во Скопје и заедно со Златко Митрески и Македонка Илиевска работи на „69“.


Златко Митрески е дел од ансамблот на Драмскиот театар во Скопје и во моментов можете да го погледнете и во претставата „Кавкаски круг со креда“ во режија на Златко Славенски. Има дипломирано на Националната академија за театар и филм во Софија, Бугарија. Домашната публика најверојатно најмногу го препознава како Ќелавиот од „Ова не е американски филм“. Еден од поинтересните минати проекти на Златко е и монодрамата „Последната лента на Крап“ која помина одлично кај гледачите и беше дел од фестивал во Словенија.


Македонските гледачи најмногу ја запознаа Македонка Илиевска преку монодрамата „Лола“ која се играше во клубот „Џубокс“ во Скопје, а беше дел од програмата на два фестивали – „Битолско културно лето“ и „Ристо Шишков“. Инаку Македонка има дипломирано на отсекот за актерка игра во Новиот бугарски универзитет во Софија. Сега пополека, но сигурно застанува на домашната театарска сцена. Има играно и во претставата „ММЕ кој прв почна“ по текст на Дејан Дуковски и во режија на Војо Цветановски.


Претставата ќе ја играме и на 21 декември (сабота) во 20 часот. Билетите чинат 200 денари и веќе може да се купат на билетарата во МКЦ или пак можете да си резервирате место на нашиот мејл teatar.pi@gmail.com или пак на нашата фејсбук-страница (Театар „Пи“ / Pi Theatre)

 
http://teatar-pi.blogspot.com/


http://mkc.mk/?event=69-2